Коктели

Најдобриот класичен Маргарита коктел

Маргарита е летен, многу освежувачки коктел кој претставува еден од најпопуларните коктели во светот.

Постојат различни верзии за создавањето на овој коктел. Според една од нив, коктелот Маргарита е создаден во 1948г. од познатата дама Маргарита Сајмс за време на нејзината божиќна забава во Акапулко, Мексико. Со комбинирање на текила, Cointreau (ликер од портокал) и сок од зелен лимон, таа го создава познатиот коктел кој го носи нејзиното име.

Друг популарен мит говори дека коктелот го носи името на познатата американска актерка Марџери Кинг, која била алергична на сите видови жесток алкохол освен на текила. Специјално за неа барменот Дени Ерера од Тихуана, Мексико го создава овој коктел и го именува според актерката. Марџери во превод на шпански е Маргарита.

Има уште неколку различни митови за создавањето на коктелот Маргарита. Кој од нив е точен не се знае, но производителот на ликерот Cointreau ја смета 1998г. за јубилејна година од создавањето на коктелот.

 

Потребни состојки:

  • – 40ml текила
  • – 20ml ликер од портокал (Cointreau, Triple sec)
  • – 10ml сок од зелен лимон
  • – сол
  • – мраз

Подготовка
Чашата во која што се служи коктелот Маргарита треба да биде во форма на инка т.е. горниот дел да биде проширен.

Со парче лимон навлажнете го работ на чашата и потопете го во сад со покрупна сол.

Состојките ставете ги во шејкер и додајте мраз.

Растресете го шејкерот. Доволни се 20 секунди.

Потоа прецедете ја течноста и налејте ја во претходно приготвената чаша.

Украсете го коктелот со парче зелен лимон.

 

Варијации на коктелот Маргарита:

  • Безалкохолна Маргарита– сок од лимон, сок од портокал и мешавина од лимон.
  • Маргарита Блу– Ликерот Blue Curacao е додаден во оригиналниот рецепт.
  • Маргарита од јагода– За декорација се додаваат тројни сек ликер и јагоди.
  • Замрзната Маргарита– сите состојки се истураат во чаша Маргарита со искршен мраз.